Синоличка Трпкова е родена во 1965 година, во Скопје, каде што завршува основно и средно училиште. Дипломира на Факултетот за драмски уметности, на Одделот драмски актери, во 1988 година. Има одиграно повеќе филмски улоги, меѓу кои се Темјанушка во „Железната тврдина“ (2025) на Митко Панов, Аја во „Мртов корен“ (2025) на Меглен Анжиќ Трпков, „Збогум на 20-тиот век“ (1998) на Александар Поповски и Дарко Митревски, Мара во „Џипси Меџик“ (1997) на Столе Попов, Весна во „Липстик“ (1993) на Роберт Адријан Пејо, Бранкица и Девица во „Светло сиво“ (1993) на Александар Поповски и Срѓан Јаниќијевиќ, курвата во „Тетовирање“ (1991) на Столе Попов, Софија во „Гаврило Принцип“ (1990) на Питер Патзак, Азра во „Дом за бесење“ (1989) на Емир Кустурица и Нале во „Среќна Нова 1949“ (1986) на Столе Попов. Нејзиното телевизиско искуство е големо и разновидно, игра во многу ТВ-серијали, ТВ-филмови и драми – „Оазата на Мира“ (1994), „Во светот на бајките“ (1994), „Хераклеа по втор пат“ (1992), „Заминување од Пасквелија“ (1992), „Опстанок“ (1990), „Трето доба“ (1987), „Претежно ведро“ (1986), „Бушава азбука“ (1985). Присутна е и на театарската сцена, во претставите „Ју антитеза“, „Ништо без Трифолио“, „Ричард Трети“, „Мизантроп“, „Гуштерица“, „Ноќ на вештици“, „Црна дупка“, „Спасени“, „Квартет“, „Среќата е нова идеја во Европа“. Од 1989 до 1991 г. работи како актер во Македонскиот народен театар, а од 1991 до денес работи на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како редовен професор. Во периодот 2002 – 2006 живее во Холандија, каде што го совладува холандскиот јазик, како втор мајчин јазик, и работи на различни проекти: како актер на студентски ТВ-проект на Уметничката академија „Сент Јост“ во Бреда, а потоа и како истражувач на македонското културно наследство во Холандија, што е заведено и архивирано во Институтот за социјална историја во Хаг. Во 2007 – 2009 г. се јавува како автор и водител на серијалот емисии „Аларм“, посветени на чувствителни теми од нашето заедничко живеење. Магистрира во 2010 г., на Универзитетот за туризам и менаџмент, на тема „Филмскиот туризам и странските искуства од значење за Република Македонија“. Во 2013–2014 г. го преведува драмскиот текст „Денови без драма“ од холандски јазик, од познатата холандска авторка и режисерка Мариолајн Биренс, што е поставен на македонската театарска сцена. Во 2016 г. излегува од печат нејзиниот учебник „Актерска игра пред камера“. Во 2026 г. е автор и на втор учебник од истата тематика – „Актерот е“. Во 2021 г. се јавува и како автор на збирката кратки раскази „Никогаш не кажувам“, а во 2025 г. како коавтор на епистоларната проза пишувана заедно со Епископот дремвитски Давид Нинов – „Проникнување“. Таа е креативен копродуцент на „Бушав буквар“, второто продолжение на „Бушава азбука“ (во развој). Во 2025 г. настапува како продуцент и актер во филмот „Мртов корен“ на Меглен Анжиќ Трпков. И најважно од сѐ – мајка е на Леона и Меглен.








