ASTERFEST FILM FESTIVAL Strumica
  • HOME
  • FILMS
  • JURY
  • GALLERY
  • ABOUT
Picture
На 23 април (среда) во Европска куќа – Струмица, во 12:00 часот, ќе се одржи едночасовен промотивен настан од сферата на филмската писменост, насловен како „Тивериполско филмско пладне: Шекспир за сите“. Токму на роденденот на великанот Вилијам Шекспир (1564 – 1616), се навраќаме на овој голем датум за европската и светската литература и уметност потсетувајќи се на значењето на делата кои се повод за најпознатите адаптации.
Шекспир е преведуван на многу јазици и пространства и отсекогаш бил инспиративен и актуелен, како еден од најадаптираните писатели во филмскиот и ТВ-медиумот.
За оваа пригода посебен осврт ќе имаат проф. д-р Мимоза Рајл и проф. м-р Гоце Ристовски, кои ќе зборуваат за значењето на Шекспир за денешнината, за едуцирањето на младите генерации врз примерите на Шекспир, за поуките и мудростите кои зрачат од неговите дела, за предизвиците од драмите преточени на македонски, како и за потребата од подлабоко изучување на Шекспир во училиштата, токму со проекции на филмови создадени според неговите дела.
Овој пладневен настан ќе биде збогатен со проекција на три исклучителни кратки филма, кои биле дел од програмата на „Астерфест“: „Кралот Џон“ на Џон Ласт (9 мин., Велика Британија), „Доверба“ на Јулијана Нојхубер (8 мин., Австрија) и „Шекспир за сите“ на Ханес Рал (3 мин., Германија). Избраниот филмски триптих ќе го најави д-р Горан Тренчовски, директор на „Астерфест“. Во првиот филм со извонредна актерска игра е визуализирано парче од позната историска драма, вториот е слободно преточување на мотивите од „Отело“, а третиот е духовито анимиран шекспировски омаж, кој покажува дека делата на Шекспир се безвременски. Овие наградувани филмови, меѓу другото, потврдуваат дека современите филмските автори мошне успешно ги адаптираат драмите на Шекспир – низ оригинален пристап, со впечатлива симболика и динамични слики.
Настанот е дел од циклусот „Најдоброто од Астерфест“, во сезоната кога одбележуваме 20 години постоење на овој филмски фестивал.

Cover painting: Bogdan Bakić , 1958/59
Text: Sofija and Goran Trenchovski © 2005-2025